Стевановиќ за МИА: Обезбеден лекот за конго-кримска хеморагична треска, болничарката во стабилна состојба

 Обезбеден е лек за конго-кримска хеморагична треска, а болничарката на Инфективната клиника е во стабилна состојба. Информацијата за МИА ја потврди директорката на клиниката, Милена Стевановиќ.

– Веднаш го набавивме овој лек. Многу ретко се наоѓа, го има само во земји во кои има голем број на разболени пациенти. Но, во соработка со Светската здравствена организација и Лекари без граници, успеавме за многу кратко време да добиеме количина на лекот, во случај да ни треба за нашата пациентка. Искрено се надевам дека нема да имаме таква состојба за да го искористиме. Но, ако ни треба и тој лек го имаме. Лекот се дава само во друга ситуација, кога се нема друг избор, при исклучително тешка клиничка слика, појасни Стевановиќ за МИА.

Како што додаде таа, станува збор за антивирусен лек што се дава и се користи при различни вирусни, ретко и малку, меѓутоа се користи при различни вирусни инфекции.

– Ние некогаш сме го користеле во третман на хроничен хепатит це, одамна, тоа не е лек што е специфичен за конго – кримска, меѓутоа колегите кои лекуваат во светот конго – кримска во ендемски подрачја со голем број на пациенти, го користат некогаш во случај на многу тешка клиничка форма, како опција за третман. Пациентката е стабилна и се следи, додаде Стевановиќ.

Во соопштение на Инфективната клиника пишува дека по појавата на првиот случај во државава после неколку децении, сите здравствени институции во државата реагираа навремено и координирано.

– Пациентката, која се инфицираше во тек на својата работа е стабилна со повремено покачена температура, без други симптоми на болест. Лабораториските анализи на крвта се следат дневно и се ординира терапија. Во наредните неколку дена, според можниот развој на болеста, очекуваме фаза во која може да се случи влошување на состојбата. Лекот кој е единствен на располагање во тешки клинички форми на болест е пристигнат во државата во тек на вчерашниот ден, во тек на вчерашниот ден беа реализирани и веб конзилијарни состаноци со колеги кои ја следат оваа болест во светот и имаат огромно искуство, се наведува во соопштението од Инфективната клиника.

Претходно, претседателот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ рече за МИА дека Комисијата апсолутно стои зад сето тоа што е направено од страна на Институтот за јавно здравје, мерките што се преземаат и препораките што се даваат, нагласи тој.

Не треба да се крева паника во однос на новата состојба со конго-кримска хеморагична треска, подвлече тој и додаде дека не очекуваат да има повеќе случаи во блиска иднина.

Oд она што го виделе, како што додаде тој, првиот случај е случај на директно заразување, а вториот е веројатно на пренесување преку контаминирана крв.

Во првиот случај со директно заразување, почина 27-годишна пациентка, по инфекција со каснување од крлеж.