Претседателот Стево Пендаровски од денес ќе учествува на 60. Безбедносна конференција во Минхен, Германија.
Како што информира Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, претседателот на државата предвидено е да учествува на настанот „Дали Западен Балкан е дел од големата слика ? Мапирање на новата европска безбедносна архитектура“ во организација на Центарот за безбедносна политика од Белград и Центарот за безбедносна политика од Женева.
Стево Пендаровски ќе учествува и на настаните „Фокус на Балканот“ и „Насоката за трансатлантската заедница после Минхен“ организиран од Атлантскиот Совет.
За време на учеството на Безбедносната конференција во Минхен до 18. февруари, предвидено е претседателот Стево Пендаровски да оствари повеќе средби со дел од учесниците на собирот. Во фокусот на разговорите на претседателот Стево Пендаровски ќе биде европската интеграција и безбедносните состојби во регионот и во евро-атлантскиот простор.
Покрај Стево Пендаровски и претседателот на техничката Влада, Талат Џафери и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ќе учествуваат на 60. Безбедносна конференција во Минхен во чиј фокус годинава, како што соопшти владината прес-служба, е улогата на Европа во безбедноста и одбраната и значењето на проширувањето на ЕУ, во контекст на ситуацијата во Украина и случувањата на Блискиот Исток.