Забрзување на транспортот што се овозможува преку признавањето на белешките од мерење со Србија, унапредувањето на политиките за овластен економски оператор и имплементација на нови ИТ системи согласно системите во ЕУ, беа едни од суштинските теми на кои директорот на Царинска управа, Стефан Богоев разговараше со директорот на „Дрекслмаjер Македонија“, Лукас Мирингер.
„Зголемување на ефективноста на Царината резултира со подобрување на условите за работа на компаниите. Особено ни е драго што странските инвеститори Царинската управа ја истакнаа како институција со која успешно соработуваат. Целта на сите мерки и активности што ги преземаме во моментов е олеснување на трговијата и забрзување на транспортот со цел зголемување на конкурентноста на компаниите на меѓународниот пазар што ќе резултира со поголеми приходи во Буџетот и повеќе пари за инфраструктура“, истакна Стефан Богоев.
Како што информираат од Царинската управа, компанијата, од своја страна, изрази задоволство во однос на успешната соработка со Царинската управа во делот на царинското работење.
„Од основањето на ‘Дрекслмајер Македонија‘ во 2012 година, воспоставивме добра соработка со Царинската управа која ја одржуваме изминативе дванаесет години. Како германски инвеститор и снабдувач на премиум автомобилската индустрија, горди сме што имаме можност да дадеме значаен придонес за економскиот развој. Нашата долгогодишна соработка, која се карактеризира со одговорност и меѓусебна доверба, претставува цврста основа за Дрекслмајер Македонија и понатаму да продолжи успешно да испишува автомобилска историја во земјава“, вели Лукас Мирингер, генерален директор на „Дрекслмајер Македонија“.
„Дрекслмајер Македонија“ е една од компаниите кои имаат и статус на овластен економски оператор. Од таму велат дека стекнувањето на ваков статус за компанијата значи поедноставување на постапките, забрзување на протокот на стока, како и олеснување на трговијата и одржување на константно ниво на безбедност.