Вкупно 105,4 килограми марихуана, 126 литри прекурзори и 66.144 парчиња лекови биле запленети во 2023 година, кога бројот на случаи на спречен шверц и нелегална трговија бележи раст од 29 проценти во однос на претходната година, соопштија денеска од Царинската управа.
Притоа, биле запленети и девизи со вредност од вкупно 438 илјади евра, средства кои одат во Народна банка и Буџетот. Меѓу заплените биле и транспортни возила специјално конструирани за шверц, а во еден случај со одлука на суд биле одземени 17,7 тони тутун во лист, товарно моторно возило-влекач и полуприколка во вкупна вредност од 7 милиони денари.
„Еден од главните приоритети е нула толеранција кон шверцот и организираниот криминал. Видливите резултати во овој дел значат просперитет и значат побрз влез во ЕУ, а резултати веќе има – заплените во 2023 се зголемени за точно 29 проценти, а поднесените кривични пријави за 60 проценти“, вели директорот на Царинска управа, Стефан Богоев, стои во соопштението.
Се посочува дека со акцијата во декември во која беа запленети 126 литри прекурзори за производство на дроги беше разбиена посериозна мрежа која имала лабораторија на територија на државата. Против лицето била поднесена кривична пријава до надлежното Основното јавно обвинителство за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ казниво по член 215 од Кривичниот законик. Со одлука на суд против истиот беше одредена мерка притвор.
Од Царинската управа наведуваат дека кривични пријави билр поднесени и против сторители за шверц на 50 тони дизел гориво декларирано како базно масло, а кое било транспортирано во две товарни моторни возила – цистерни.
За различни кривични дела во 2023 година биле поднесени вкупно 51 кривична пријава, што е за 60 проценти повеќе од 2022 година.
За кривично дело криумчарење, биле поднесени 15 кривични пријави за 16 физички лица, за неовластено производство и пуштање во промет на наркотици пет кривични пријави, против седум физички лица, додека за даночно затајување три кривични пријави, против три правни и три физички лица.
Царинската управа, се вели во соопштението, во рамки на своите надлежности е силно посветена кон заштита на финансиските интереси на државата и безбедност на општеството и граѓаните.