Стејт департмент: САД се цврсто посветени на Преспанскиот договор

Соединетите Држави остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и интеграцијата на Северна Македонија во евроатлантските институции, порача претставник на Стејт департментот, по изборите одржани на 8 мај.

Ставот на претставникот на американското министерство дојде по прашање на грчките дописници во Вашингтон, за тоа дека новата претседателка го прекршила Договорот, нарекувајќи ја при заклетвата нашата земја Македонија, а не Северна Македонија, како што е нејзиното уставно име.

„Соединетите Американски Држави остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Како што ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ние ќе продолжиме да ја зајакнуваме важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од полноправното членство во Европската унија“, вели во изјавата портпаролката Лена Аргири.