Столтенберг за Би-Би-Си: Сојузот на авторитарни сили сè повеќе соработува против Западот

 Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека „сојуз на авторитарните сили“, во кој, според него, се Русија, Иран, Кина и Северна Кореја, сè поблиску соработува против западните демократии.

Тој оцени дека соработката на „сојузот“ се повеќе се координира, а како пример го наведе фактот што Русија им дала технологија на Иран и Северна Кореја во замена за муниција и воена опрема.

-Кина ја поддржува руската воена економија, снабдувајќи ја нејзината одбранбена индустрија со клучните делови, додека Москва за возврат својата иднина ја става под хипотека на Пекинг, изјави Столтенберг во интервју за Би-Би-Си.

Тој додаде дека НАТО мора се повеќе и повеќе да работи со партнерските земји, како што се Јапонија и Јужна Кореја, за да се спротивстави на „сојузот на авторитарни сили“.

Зборувајќи за воената ситуација во Украина, тој изрази надеж дека членките на НАТО ќе се договорат за долгорочен договор за финансирање на Украина до јули, додавајќи дека долгорочната поддршка е од витално значење.

-Дури и ако веруваме и се надеваме дека војната ќе заврши во блиска иднина, мора да ја поддржуваме Украина многу години, да ја изградиме нивната одбрана за да ја одвратиме идната агресија, рече Столтенберг.

Тој, исто така, посочи дека и Киев ќе мора да направи одредени отстапки.

-На крајот на денот, Украина мора да биде таа што ќе одлучи какви компромиси е подготвена да направи, мора да им овозможиме да бидат во позиција навистина да постигнат прифатлив резултат на преговарачката маса, рече првиот човек на НАТО.