– Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги повика Европејците да го зајакнат производството на оружје за да ги зголемат испораките за Украина и да ги надополнат сопствените резерви.
– Треба побрзо да ја обновиме и развиеме нашата индустриска база за да ги зголемиме испораките за Украина и да ги надополниме сопствените резерви, изјави Столтенберг во интервју за германскиот весник Велт ам Зонтаг, објавено денеска, а на помалку од една недела пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел на 15 и 16 февруари.
– Ова значи дека е неопходно да се премине од мирнодопското бавно производство на брзо производство во време на конфликт, изјави Столтенберг за германскиот весник.
Тој потенцира дека засега нема непосредна воена закана против сојузниците, но истовремено „Кремљ редовно им се заканува на земјите на НАТО“.
Во интервјуто, генералниот секретар потенцира дека НАТО не сака војна со Русија, но посочи дека Алијансата мора да се подготви за „конфликт кој може да трае со децении“.
Истакнувајќи дека руската инвазија на Украина пред речиси две години покажа дека „мирот во Европа не е нешто што се подразбира“, тој ја нагласи важноста од заштита на земјите од Алијансата.
– Се додека инвестираме во нашата безбедност и останеме обединети, ќе продолжиме да ја одвраќаме агресијата, потенцираше Столтенберг.