– Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека Русија претрпе голем „стратешки пораз“ во војната во Украина.
Говорејќи за германските медиуми, Столтенберг нагласи дека рускиот претседател Владимир Путин не успеал да ја постигне целта да ја спречи Украина да се приближи до Европа.
„Путин сака една Европа во која Русија може да доминира со своите соседи. Но, Украина сега е поблиску од кога било досега до НАТО и ЕУ. Ова е голем стратешки пораз за Русија“, изјави Столтенберг за германската новинска агенција ДПА.
„Претседателот Путин засекогаш ја загуби Украина. Покрај тоа, Русија изгуби стотици авиони, илјадници тенкови, а 300.000 војници се убиени или ранети“, тврди тој.
Столтенберг рече дека контраофанзивата на украинската Армија не ги дала очекуваните резултати, но подвлече дека западните земји ќе продолжат да ја поддржуваат Украина.
„Кога Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, повеќето експерти се плашеа дека Русите ќе ја преземат контролата врз Киев за неколку дена, вклучително и експерти во НАТО. Оттогаш, Украинците успеаја да ослободат 50 отсто од територијата што беше окупирана“, додаде тој.
„Украинците победија во големи битки во Киев, Харков и Керсон, ова се извонредни воени победи. Украина се наметна како суверена, независна држава и нанесе големи загуби на Русија во тој процес“, рече Столтенберг.