– Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска во Анкара упати апел „веднаш“ да се интегрираат Шведска и Финска во Северноатлантската алијансата.
– Сега е време да се ратификува истовремениот прием на Финска и Шведска како членки на НАТО, истакна Столтенберг на прес-конференција со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
Додека Чавушоглу посочи дека Турција може одделно да ги разгледа финските и шведските кандидатури.
Шефот на турската дипломатија посочи дека за прашањето за кандидатурите на Шведска и Финска ќе разговара со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој идната недела ќе ја посети Турција.
Тој исто така наведе дека со Блинкен ќе разговара и за билатералните односи и руската инвазија врз Украина.
Столтенберг најави и дека НАТО ќе гради привремени засолништа и планира да испрати десетици илјади шатори во Турција во наредните денови и недели.
– Ова е најсмртоносната природна катастрофа на територија на НАТО од создавањето на Алијансата, посочи Столтенберг, додавајќи дека Алијансата ќе ги искористи своите стратешки способности за воздушен транспорт за транспорт на потребната помош.
Само во Турција, минатонеделните разорни земјотреси урнаа или сериозно оштетија повеќе од 50.000 згради во 10 окрузи во јужниот и југоисточниот дел на земјата. Според најновите податоци, во Турција загинале 36.187 лица.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган делумно се спротивставува на кандидатурата на Шведска, со образложение дека Стокхолм пружа засолниште на членови на Курдиската работничка партија (ПКК), која Турција, ЕУ и други држави ја сметаат за терористичка група.
Ердоган на почетокот на февруари истакна дека турскиот Парламент може да го ратификува влезот на Финска, но не и на Шведска.