Столтенберг ја почнува западнобалканската турнеја, во вторник доаѓа во Скопје

 Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска ќе отпатува за Сараево, како прва етапа од неговата турнеја низ четири земји од Западниот Балкан, во чии рамки во вторник попладне ќе пристигне во Скопје, каде покрај средби со највисоките претставници на властите на земјата, ќе се сретне и со лидерите на земјите членки на Алијансата од регионот, јави дописникот на МИА од Брисел.  

Како што соопшти НАТО, турнејата низ регионот Столтенберг ќе ја започне со работна вечера со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, а утре ќе има средби со високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ, Кристијан Шмит и со претседавачката со босанскохерцеговскиот Совет на министри Борјана Кришто. По овие разговори, Столтенберг во седиштето на НАТО во Сараево ќе има средби и со воените лидери и со претставници на меѓународната заедница во БиХ.  

Од Сараево, првиот човек на Алијансата утре попладне ќе отпатува за Приштина на средби со претседателката и со премиерот на Косово, Вјоса Османи и Албин Курти. 

Тој потоа ќе ја посети и Командата на силите на НАТО во Косово, каде што ќе се сретне со командантот на КФОР, генерал-мајорот Озкан Улуташ и со директорот на Советодавниот тим за врски на Алијансата, бригадниот генерал Кристијан Лудевиг фон Хамерштајн, а ќе има и обраќање пред војниците ангажирани во мисијата.  

Во вторник претпладне, Столтенберг ќе престојува во Белград на разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ, а ќе се сретне и со српски научници кои ќе му ја претстават технологијата што ја развиле во контекст на научните проекти на НАТО за мир и безбедност.

Попладнето, генералниот секретар на НАТО од Белград ќе допатува во Скопје, на средби со шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и со собранискиот претседател Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците во Собранието.   

В среда претпладне предвидено е Ковачевски и Столтенберг во Скопје да се сретнат со лидерите на земјите членки на НАТО од регионот – хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Словенија, Роберт Голоб и на Црна Гора, Милојко Спајиќ.