В.директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ вели дека во затворот Идризово има дел каде затворениците слободно шетаат и дека таму лесно можеле да ја исфрлат земјата од тунелот што го копале.
– Во затворот Идризово има дел каде затворениците се пуштени слободно да шетаат, тоа е на крајот од затворскиот простор каде нема караула на која треба да стои затворски стражар, изјави Стојановиќ за емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма.
Тој реон, вели Стојановиќ, никој не го надгледува и затворениците лесно можеле да исфрлат 30 кубици земја во ќеси за отпад, која ја копале од тунелот долг 41 метар.
Според Стојановиќ, 12 трактори би биле потребни за да се изнесе земјата што е ископана од тунелот.
– Минимум 12 трактори би биле потребни. Претпоставувам дека не е направено за еден месец, туку процесот траел подолг период. Таму нема покриеност на затворската полиција, нема затворски полицаец да ги надгледува осудениците. Факт е дека затворот има слаба екипираност, вели Стојановиќ.
Очекува дека истрагата ќе даде подетални изгледи за тоа кој бил можел тоа да го прави и дали има инволвираност на вработени од затворот.
– До конечно излегување на слобода на тие што го планирале тоа останале уште 32 метри што значи дека не излегле надвор од периметарот на ѕидот. Спрема поставеноста и структурата на тоа што видено на терен евидентно е дека тоа е работено подолго време. МВР излезе со бројка од осум осудени лица што се сомневаат дека учествувале во таа работа. Ние се уште немаме сознанија кој бил дел од тоа и претпоставувам дека ќе имаме тесна координација и со Обвинителството и со органите на прогонот за да најдеме кој и како тоа го има направено, вели Стојановиќ.
Додава дека за да се влезе во таков тунел треба време повеќе од два часа, што создава сомнеж дека одредени осудени лица биле подолго време надвор од зградата отколку што им е дозволено со закон.