Едно лице загина во пожарот кај Куманово, изгореа неколку куќи.
Во околината на Куманово, постаро лице загина во пожар, најверојатно од задушување од чад, изјави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Според него, пожарот што избувна во понеделникот во селото Кокошиње брзо се проширил и ја зафатил куќата во која живеел мажот со сопругата, која била успешно евакуирана, пренесува Телма.
„Според првите информации изгореа неколку куќи, некои се стари и напуштени, а некои се нови и во нив живеат жителите на селото кои беа успешно евакуирани. Пожарите избувнаа речиси истовремено и поради тоа беше многу тешко да ги изгаснат“, рече Ангелов.
Тој наведе дека во гаснењето на пожарот учествувале полициски и воени хеликоптери, како и три авиони од типот „ер трактор“.
Во Македонија вчера беа активни пожари во 12 села во општините Куманово, Старо Нагоричане, Свети Никола, Штип и Пробиштип, а нивното гаснење го отежнува ветерот, јавува Телма.