Иран постигна договор за купување напредни борбени авиони Su-35 од Русија, објавија во саботата иранските државни медиуми, додавајќи дека тоа ги проширува односите помеѓу двете земји што резултираа со употреба на беспилотни летала од Иран во руската агресија против Украина.
„Борбените авиони Su-35 се технички прифатливи за Иран. Затоа, Иран го финализираше договорот за нивно купување“, цитираше телевизиската станица IRIB изјава на иранската мисија во Обединетите нации во Њујорк.
Во извештајот не се споменува никаква руска потврда за договорот, ниту пак детали од договорот.
Рускиот претседател Владимир Путин се состана со иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи во Техеран минатиот јули, сигнализирајќи поблиски врски поради притисокот на Западот околу војната во Украина.
Иран неодамна призна дека испратил беспилотни летала во Русија, но тврди дека тие биле испратени таму пред инвазијата на Москва на Украина минатата година.
Москва негира дека нејзините сили користат беспилотни летала од Иран во Украина, иако многумина се соборени и забележани таму.
Воздухопловните сили на Иран имаат само неколку десетици напредни борбени авиони. Станува збор за руски авиони и застарени американски модели набавени пред иранската револуција во 1979 година.