Момчето-убиец кoe на 3. мај уби девет негови врсници и еден чувар од основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, полицијата го обезбедува 24 часа во затворена психијатриска установа за да не се повреди себеси или другите и да не биде нападнат од некого, пишува весникот Blic.rs.
Според нивните информации, полициски службеници од различни единици по 12 часа наизменично го обезбедуваат момчето кое изврши невиден масакр во соседна Србија.
„На овој начин се спречува можноста момчето-убиец да се доближи до полицијата и евентуално да манипулира со службениците на каков било начин, доколку имало комуникација“, вели извор на Blic.rs запознаен со случајот.
Инаку, според информациите, момчето времето го поминува само во посебна, изолирана просторија, без телефон, телевизор, лаптоп…
„Апсолутно нема можност некој да го види или да комуницира со некого, освен докторите и медицинскиот персонал кои официјално разговараат со него“, вели изворот на Blic.rs.
На Клиниката за невропсихијатрија за деца и младинци во последните два месеци, како што пишува Blic.rs, биле извршени различни психолошки прегледи со цел експертите да се обидат да навлезат во свеста на момчето-убиец, за меѓу другото да разберат што го мотивирало да го изврши страшното злосторство, но и дали давал знаци кои требало да ги забележат луѓето од неговата поблиска околина.
Судот во Белград пред неколку дена го замрзна имотот во сопственост на семејството на момчето-убиец и привремено ја забрани нивната продажба или подарување. Судот утврди дека семејството поседува вкупно 4 стана, гаражен простор, дел од деловен простор и еден автомобил.
Да потсетиме, М.К. и В.К., мајката и таткото на 13-годишното момче-убиец, на секој начин се обидуваат да го заштитат својот имот со тоа што одат на нотар за да го препишат, односно да го дадат на нивните роднини.
М.К., мајката на момчето-убиец од основното училиште „Владислав Рибникар“ била спречена во саботата кога со ќерката се обидела да ја напушти Србија.
Како што напиша Blic.rs, мајката на момчето-убиец се обидела да ја напушти државата преку граничниот премин „Прохор Пчињски“, но полицијата ја привела.
За потсетување, против мајката кон крајот на минатиот месец беше покрената истрага поради основано сомнение дека пред злосторството го занемарила и малтретирала момчето-убиец. Доколку се докаже дека го сторила ова кривично дело, и се заканува затворска казна до три години.
Основното јавно обвинителство во Белград на 23. мај соопшти дека на полицијата и било наредено да собира информации за мајката на момчето.
Тогаш на градскиот центар за социјална работа му било наложено да изврши дијагностичка проценка на функционирањето на семејството на момчето и да поднесе пријава до обвинителството, како и да утврди дали споменатото семејство претходно било во евиденцијата на тој орган.