Болни сцени го одбележаа натпреварот од 29. коло од третата фудбалска лига на Шпанија меѓу Кордоба и Расинг де Ферол. Во 10. минута од натпреварот српскиот стопер Драгиша Гудељ колабирал на тревникот и останал да лежи неподвижен, а неколку секунди подоцна на теренот се појавиле медицинскиот тим и возилата на итната помош.
Овој 25-годишен дефанзивец, кој е и брат на српскиот репрезентативец и играч на Севиља, Немања Гудељ, доживеал срцев удар, потврди тамошниот медиум La Voz de Galicia, кој ја следеше ситуацијата во живо.
На трибините владееше тотален молк а играчите биле во неверување, додека некои пуштија и солзи гледајќи ги тажните сцени додека докторите на тревникот го оживуваа Гудељ. Штом се освестил, бил пренесен во блиската болница, а Кордоба пријавила дека моментално е во добра состојба. Потврдено е дека причина за падот е срцев удар, а се чекаат дополнителни наоди.
Натпреварот беше прекинат во 11. минута при резултат 1:1 и се уште не се знае кога ќе се одигра, но и онака тоа е помалку важно во овој момент.