Поради обилните врнежи од дожд во италијанската област Тоскана, некои делови од Фиренца се поплавени, а властите упатија предупредување до населението да биде внимателно, пишува италијанската новинска агенција Анса.
Поради невремето се случиле две несреќи. Во Рим се урна кран, а во Џенова се урна потпорен ѕид.
Неколку трамвајски линии не работат, а поплавен е и патот меѓу Фиренца и Пиза.
Властите во Италија ги повикаа луѓето да не патуваат.
„Внимавајте кога возите и патувате. Неочекувани временски непогоди ја погодија Фиренца, но ситуацијата е под контрола и се подобрува“, напиша градоначалничката на Фиренца, Сара Фунаро, на социјалната мрежа X.
Општина Фиренца соопшти дека за три часа наврнале дури 39 милиметри дожд.