На аеродромот во Техеран, пред да замине за Ријад, каде денес ќе се одржи заеднички исламско-арапски самит, во врска со ситуацијата во Појасот Газа, лидерот на Иран нагласи дека не е време за зборови, туку за акција во Појасот Газа, пренесува медиумската агенција Reuters.
Ебрахим Раиси оцени дека сега единството на исламските земји е многу важно.
Саудиска Арабија денеска ќе биде домаќин на вонреден заеднички исламско-арапски самит во Ријад, во врска со ситуацијата во Појасот Газа, соопшти претходно Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија.
Ријад денеска требаше да биде домаќин на два вонредни самити – самитот на Организацијата за исламска соработка и самитот на Арапската Лига, а заедничкиот самит ќе замени два одвоени собири, се наведува во соопштението, пренесува медиумската агенција Reuters.
„Заедничката средба ќе се одржи како одговор на вонредните околности што се случуваат во палестинскиот Појас Газа бидејќи земјите чувствуваат потреба да ги обединат напорите и да излезат со обединета колективна позиција“, се вели во соопштението.
Одлуката беше донесена откако Саудиска Арабија се консултираше со Арапската Лига и Организацијата за исламска соработка.