САД му дозволија на Израел да го продаде противракетниот систем Arrow 3 на Германија, објави Министерството за одбрана во четвртокот во Тел Авив.
Германија и Израел започнаа преговори по рускиот напад врз Украина во февруари минатата година. Комитетот за буџет и одбрана на Бундестагот го одобри договорот, проценет на 3,5 милијарди долари, во јуни.
Конечниот услов беше согласност од САД.
Договорот треба да го потпишат министерствата за одбрана на двете земји и Израелската аероспејс индустри на крајот на годинава, изјави портпаролот на израелската влада, пренесува ДПА.
Германија ќе го плати купувањето од посебен фонд за армијата. Фондот со 100 милијарди евра го формираше владата на канцеларот Олаф Шолц веднаш по почетокот на украинската војна.
Заеднички проект на Израел и САД, системот Arrow 3 може да пресретне напаѓачки ракети во повеќе слоеви на одбраната, прво на надморска височина од 100 километри.
Се очекува системот да биде оперативен во Германија до крајот на 2025 година. На иницијатива на Берлин, Arrow 3 ќе биде составен дел на европската противракетна одбрана.