Студентите од блокадите најавија за денеска од 7:00 до 10:00 часот нови блокади низ Белград.
„Има метеж во градот? Белград на барикади“, објавија студентите во блокада на социјалните мрежи.
До доцна синоќа – веќе седми ден – блокади имаше низ Белград, Ниш, Ужице, Заечар, Нови Сад, Нови Пазар, Чачак…
Блокадите на протестите во градовите низ Србија почнаа откако студентите повикаа на граѓанска непослушност по протестите на Видовден во Белград на 28 јуни.
Со протести и граѓанска непослушност, студентите и граѓаните кои ги поддржуваат, бараат ослободување на сите оние кои, како што тврдат, биле нелегално уапсени на 28 јуни за време на протестот на Видовден, како и распишување вонредни избори и отстранување на шаторите во близина на Собранието и распуштање на собирот во Пионирски парк, што е веднаш спроти Собранието на Србија.
МВР на Србија ги предупреди сите оние кои имаат намера да организираат нелегални блокади дека полицијата, во согласност со законот и нивните должности, обврски и овластувања, ќе преземе сите потребни мерки за заштита на јавниот ред и мир. Полицајци во униформи, но и во цивилна облека, во претходните денови приведоа десетици граѓани и студенти кои беа на блокадите.
Министерот за правда Ненад Вујиќ вчера изјави дека улицата не може да суди, нагласувајќи дека „тоа е многу опасно“ и дека на судовите треба да им се дозволи да си ја работат својата работа.
„Граѓаните пред судници претставуваат притисок врз работата и сомнеж што може да се појави во одредена пресуда“, изјави Ненад Вујиќ за РТС.
Масовните протести и блокади на факултетите низ цела Србија започнаа по загинувањето на 16 лица при падот на бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, а студентите и граѓаните бараат одговорност од властите за несреќата.