Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во вторникот се состана со американските конгресмени на Капитол Хил за да побара за последен пат оваа година САД да продолжат воено да му помагаат во борбата против Русија, но тој беше дочекан со скептична реакција од некои републиканци.
Володимир Зеленски зад затворени врати се сретна со американски сенатори. Со него беа Чак Шумер, лидерот на демократското мнозинство во Сенатот и Мич Меконел, лидерот на републиканците.
„Претседателот Володимир Зеленски јасно кажа дека му треба помош и ако ја добие, може да победи во оваа војна“, им порача Чак Шумер на новинарите по средбата.
Но, некои републиканци се прашуваат дали новата помош ќе и помогне на Украина да ја победи Русија по неубедливата летна офанзива.
„Знам дека сите сакаат Украина да победи, но едноставно не го гледам тоа на фронтот“, вели републиканскиот сенатор Рон Џонсон.
На вториот ден од посетата на Вашингтон, Володимир Зеленски приватно ќе се сретне со претседателот на Претставничкиот Дом, Мајк Џонсон.
Потоа ќе се упати во Белата куќа, каде ќе одржи прес-конференција со претседателот на САД, Џо Бајден.
Белата куќа му соопшти на Конгресот на 4. декември дека Владата ќе остане без пари за испраќање оружје во Украина по крајот на годината.
Конгресот одобри повеќе од 110 милијарди долари за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, но не се одобрени нови средства откако републиканците го презедоа Претставничкиот Дом од демократите во јануари.
Претседателот на Претставничкиот Дом, Мајк Џонсон, републиканец, вели дека пратениците бараат повеќе детали за целите на администрацијата во Украина.
Неговите колеги републиканци истакнуваат дека новата помош мора да биде придружена со промени во миграциската политика, што предизвикува големи поделби на американската политичка сцена.
Мајк Џонсон во вторникот кажа дека чека одговор од Белата куќа.
Володимир Зеленски ги повика конгресмените брзо да ги решат разликите.
„Ако некој е инспириран од нерешените прашања на Капитол Хил, тоа е само Владимир Путин и неговата болна полотика“, кажа тој во говорот во понеделникот.
Остануваат уште само три дена до одморот на Конгресот во петок, а републиканците во Претставничкиот Дом не сакаат да одобрат предлог-закон со кој се обезбедува помош од 61,4 милијарди долари за Украина, доколку нема промени во миграциската политика на САД.
Демократскиот сенатор Крис Марфи, кој ги води преговорите, вели дека мисли оти може да се постигне договор за миграциската политика и нови трошоци до крајот на годината. Републиканците не веруваат во тоа.
„Сè попесимистичка сум“, изјави сенаторката Сузан Колинс.
Џо Бајден ја коментираше ситуацијата со мрачни зборови, велејќи дека – „историјата строго ќе им суди на оние кои ѝ го вртат грбот на борбата за слобода“.
„Американските трупи на крајот би можеле да бидат принудени да се борат против Русија“, предупреди тој, доколку Владимир Путин нападне европски сојузник – членка на НАТО.
Анкетата на Reuters минатиот месец покажа дека околу 41 отсто од Американците поддржуваат испраќање оружје во Украина, додека 32 отсто се против, а останатите не се сигурни.