Судењето на кардиохирургот Жан Митрев и неговата приватна болница повторно се одложи за 12. мај. На денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје беше присутен Жан Митрев со неговите бранители, додека пред судската зграда беа собрани десетина оштетени граѓани, кои држеа транспаренти „Профитер на грбот на болните” и „Бараме правда“.
Причина за повторното одложување на процесот е тоа што одбраната „не успеала да изврши увид во списите на предметот кои се уште се во Апелација“.
Судот претходно го прифати барањето на Обвинителството за замрзнување на имотот на Клиниката „Жан Митрев“, на која што одлука одбраната се жалеше пред Апелација.
Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева, побара од Судот да се закажат повеќе следни рочишта со цел предметот да добие на динамика, додека одбраната на Жан Митрев побара доволен простор од најмалку два месеци за да се запознаат со списите на предметот, како и да се обезбедат соодветни услови за судење.
Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.
Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.
Предметот е оформен по допрен глас, откако ИРЛ минатата година го објави документарец „Нечиста крв“, во кој обелодени дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми на пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.