Судија суспендиран на 6 месеци поради Меси: Сакаше да направи добро дело, а на крајот беше жестоко казнет

Мексиканскиот фудбалски судија Марко Антонио Ортиз Нава е суспендиран на шест месеци откако неодамна побара автограм од Лионел Меси!

Инцидентот се случил по натпреварот од Лигата на шампионите меѓу Интер Мајами и Спортинг Канзас Сити минатата недела, кога Ортиз Нава му пришол на Меси и му побарал автограм. Овој потег предизвика контроверзии, бидејќи неговата непристрасност беше доведена во прашање.

Според извештаите, судијата подоцна се извинил и објаснил дека сакал да го добие потписот на Меси за да му го даде на член на семејството со посебни потреби. Сепак, КОНКАКАФ (Северноамериканска фудбалска конфедерација) покрена дисциплинска постапка против него.

Според ESPN, Ортиз Нава доби шестмесечна суспензија од судење во натпреварувањата во КОНКАКАФ, со предупредување дека доколку повтори сличен прекршок, ќе биде „казнет на неодредено време“.

Сепак, и покрај меѓународната суспензија, Ортиз Нава ќе може да продолжи да суди во мексиканската Лига МХ, каде што веќе ја делеше правдата на натпреварот помеѓу Пуебла и Тихуана. Одлуката да му се дозволи да суди во домашното првенство беше изненадување, со оглед на тоа што Лига МХ е дел од истата конфедерација КОНКАКАФ.