– Поранешниот бразилски репрезентативец Робињо доби забрана да го напушти Бразил додека судот не донесе одлука дали поранешниот фудбалер може деветгодишната затворска казна за силување, која му е изречена во Италија, да ја отслужи во својата татковина.
Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид и Манчестер сити е осуден во Италија на казна затвор од девет години за групно силување девојка на прослава на нејзиниот 23. роденден во ноќен клуб во Милано.
Случајот датира од 2013 година кога Робињо настапуваше за Милан.
Робињо се жалеше на повеќе судски инстанци, но Врховниот суд на Италија му ја потврди деветгодишната казна, а италијанските обвинители издадоа меѓународен налог за негово апсење. Бразил, меѓутоа, нема закон за екстрадиција на свои државјани, па Италија побара Робињо казната затвор да ја отслужи во родната земја.