Судскиот совет во Република Македонија денеска го одобри Извештајот од работната посета на Основниот кривичен суд во Скопје и на Апелациониот суд Скопје, при што беше констатирано дека не е повреден Законот со санкционирањето на Васил Јованов во случајот во кој му се судеше за дрога.
Јованов е обвинет и дека ја удрил Фросина Кулакова на булеварот „Партизански Одреди“ во Скопје.
Како што беше најавено на седницата, членовите на работната група на 7 февруари го посетија Кривичниот и Апелациониот суд во Скопје, каде ги разгледаа предметите и разговараа со судијката Даниела Алексовска Стојановска и со судијката известител Тања Милева од Апелациониот суд Скопје.
„Во просториите на Основниот кривичен суд во Скопје е извршен разговор со судијката Даниела Алексовска Стојановска, а на актуелните прашања во јавноста таа одговори дека нејзиниот сопруг работел во истата фирма „Искрател“ со мајката на обвинетиот од 2003 до 2008 година, во систем со 70 вработени, не се познавале со мајката. Во однос на изнајмениот деловен објект на партијата СДСМ во Ранковц, таа појасни дека бил изнајмен од нејзиниот татко, кој починал во 2018 година и досега ништо не е сменето во однос на тој договор за закуп“, објави претседателката на Комисијата, Данка Ристова.
Комисијата, како што појасни, утврди дека судијката Алексовска-Стојановска донела решение за изрекување на институционалната мерка согласно член 70 од Законот за правда за децата.