Судски совет нема легитимност меѓу граѓаните

Премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот за разрешување членови на судскиот совет. Тој смета дека ниската доверба треба да е поттик за членовите сами да ги напуштат позициите и очекува новоизбраните да имаат цел и агенда поразлична од навиките по кои досега работел советот.

Мицкоски во новогодишно интервју за МИА го повтори ставот за разрешување на членовите избрани од Собранието. Тој вели дека телото има легитимитет ама не и легитимност меѓу граѓаните.

-Довербата е едноцифрен број проценти, довербата е на историско најниско ниво и она кое што е важно е дека ако нема свесност помеѓу нив самите да заминат, тогаш мора ние да преземаме некакви чекори за да може тие да заминат.

Кадровскиот потенцијал којшто треба да го освежи ова тело или оваа институција навистина треба да биде со импозантна цел и агенда пред себе, но и институционална меморија позади себе, односно да има биографија, тежина тој којшто ќе биде таму, затоа што ако ние едните ги замениме со други, а останат навиките исти и начинот на однесување не сме направиле ништо – рече премиерот.

Тој ја отфрла можноста за ветинг во правосудството. Според него, решението за ниската доверба е во постојните закони и ослободување од партиско влијание.

-Ние треба само да ги ослободиме обвинителите и судовите од партиските стеги. Ова вие што велите да не бидат во грч и да мора на партиски моќници или некој друг тип на моќници да им служат. Ние треба само да ги ослободиме и на тој начин тие ќе почнат да се однесуваат онака како што би требало да се однесуваат, односно да обвинуваат и судат по закон и Устав – изјави Мицкоски.