Судското рочиште за кардиохирургот Жан Митрев е одложено за 5 април, на барање на одбраната, поради потребата од докомплетирање на правниот тим на одбраната.
Во Кривичниот основен суд во Скопје денеска требаше да почне судењето на кардиохирургот Жан Митрев и неговата приватна болница.
Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.
Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.
Предметот е оформен по допрен глас, откако ИРЛ минатата година го објави документарец „Нечиста крв“, во кој обелодени дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми на пари за хемофилитрација при лечење од Ковид -19, по по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.