Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави во средата дека премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, не се разликува од Адолф Хитлер и ги спореди нападите на Израел врз Појсот Газа со оние на нацистите кон Евреите.
Земјата членка на НАТО, Турција, која поддржува решение со две држави за израелско-палестинскиот конфликт, ги критикуваше воздушните и копнените напади на Израел врз Појасот Газа, нарекувајќи ја Израел како – „терористичка држава“ и велејќи дека нејзините водачи мора да бидат судени пред меѓународните судови.
Продолжувајќи со критиките, Реџеп Таип Ердоган порача дека Турција стои со академиците и научниците кои се соочуваат со прогон поради нивните ставови за конфликтот во Појасот Газа, додавајќи дека западните земји кои го поддржуваат Израел се соучесници во, како што кажа, „воените злосторства“.
„Тие зборуваа лошо за Адолф Хитлер. И која е разликата помеѓу овој режим и Адолф Хитлер ? Поради нив Адолф Хитлер сепак ќе ни недостига. Дали ова што го прави овој Бенјамин Нетанјаху е подобро од она што го правеше Адолф Хитлер ? Не е!“, посочи Реџеп Таип Ердоган и додаде: „Побогат е од Адолф Хитлер, ја добива поддршката од Запад. САД го поддржуваат на секој можен начин. И што направија со сета таа поддршка ? Убија повеќе од 20.000 жители на Појасот Газа“.
Бенјамин Нетанјаху одговори дека претседателот на Турција, за кого кажа дека е одговорен за геноцидот врз Курдите и затвора новинари, е последниот човек кој треба да им проповеда морал на другите.
И покрај критиките, Турција одржува трговски врски со Израел, што предизвикува реакција кај турските опозициски партии и Иран. Официјална Анкара вели дека трговијата со Израел нагло опадна од 7. октомври, кога палестинската милитантна група Хамас изврши смртоносен напад врз Израел во кој загинаа 1.200 луѓе, што го поттикна Израел да започне војна против Хамас.
За разлика од нејзините западни сојузници и некои арапски земји, Турција не го смета Хамас за терористичка организација.