Јаник Синер, светскиот тенисер број еден, е суспендиран на три месеци поради допинг.
Ударната вест од светот на тенисот ја пренесе, меѓу другите, и италијански „Скај спорт“.
Суспензијата на Синер започна на 9-ти февруари и ќе трае до 4-ти мај, што значи дека тој ќе може да игра на следниот Грен слем, Ролан Гарос кој започнува на 19-ти мај.
Да потсетиме дека Агенцијата за тениски интегритет (ITIA) практично го ослободи Синер откако имаше два позитивни допинг-тестови, но Светската анти-допинг агенција (ВАДА) поднесе жалба до Судот за спортска арбитража (CAS), сметајќи дека Италијанецот треба да биде построго казнет.
ВАДА го прифати фактот дека Синер немал намера да изневерува и дека клостеболот, забранетата супстанца на која бил позитивен на тестот, не му давала значителна предност во однос на другите ривали, како и дека сè се случило без негово знаење, или поради невнимание на членовите на неговиот тим.
– Сепак, според кодот и врз основа на CAS преседан, спортистот е одговорен за негрижата на придружничката. Врз основа на единствениот збир на факти за овој случај, тримесечната суспензија се смета за соодветен исход, се вели во соопштението.
ВАДА нагласи дека Синер ја прифатил казната и ќе може да се врати на тренинзите на 13 април.
Откако ја одбрани титулата на Австралија опен, Синер е убедливо прв на АТП-листата со повеќе од 3.500 поени предност пред второпласираниот Александар Зверев.
23-годишниот Италијанец беше исклучително доминантен во претходниот период, а 2024 година беше убедливо најуспешната година во неговата кариера.
Синер има освоено осум титули, вклучувајќи два Гренд Слема (Австралија Опен и УС Опен), три Мастерс (Мајами, Синсинати и Шангај) и завршниот турнир во Торино.