За кратко време таа успеа да влезе во историјата како прва африканска пејачка која освоила три награди во една вечер на MTV EMA (European Music Awards).
Младата поп и R’n’B ѕвезда, Тајла, последнава година стана вистинска сензација на светската музичка сцена.
Нејзе и’ беа доделени наградите за најдобар африкански уметник, најдобар афробит, како и наградата за најдобар R’n’B изведувач, што ја изненади и самата пејачка.
– Јас сум шокирана како вас. Знам дека е тешко да ја категоризирам мојата музика, мешам премногу жанрови во еден, но R’n’B има најголемо влијание врз мојата музика. Особено Алија, таа е еден од моите идоли – изјави Тајла откако и’ беше врачена наградата.
Тајла има само 22 години, родена е во Еденвејл, а многумина ја сметаат за наследничка на Ријана, па се шегуваат дека Рири не мора да брза со нов албум, бидејќи ја имаме Тајла да ја „пополни таа празнина“.
Јужноафриканската пејачка речиси преку ноќ стана ѕвезда. Нејзината популарност расте од ден на ден. Таа неодамна го издаде својот прв албум „TYLA+“, од кој се издвоија песните „Push 2 start“, „Shake ah“, „Back to you“ и други.
Една од нејзините најпознати песни е „Water“, во која огнената Тајла изведува заводлива кореографија додека се полева со вода.
Како што изјавила во едно интервју, тој потег на почетокот бил срамен, а кога сфатила дека им се допаѓа на луѓето, продолжила да го повторува и на други настапи, па со текот на времето станал нејзин заштитен знак.