ИЗБОРОТ на американскиот претседател Џо Бајден за следен генерален секретар на НАТО е претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, пишува британскиот весник Телеграф.
Бајден и фон дер Лајен изградија „силна врска“ во изминатите неколку години за прашања како што се Кина, Украина и климатските промени, објави во вторникот британскиот весник, цитирајќи извори од НАТО.
Според еден од соговорниците на весникот, Белата куќа цени дека претседателот на Европската комисија неодамна „повеќе се потпира на Вашингтон за разузнавање“ наместо да им верува на европските агенции, кои не успеаја правилно да ја проценат руската воена операција во Украина.
Написот на Телеграф, исто така, наведува дека фон дер Лајен најверојатно ќе може да ја добие поддршката од францускиот претседател Емануел Макрон, уште еден клучен играч во НАТО, поради нејзиното течно познавање на францускиот јазик.
Актуелниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во вторникот потврди дека неговиот мандат, кој требаше да заврши на крајот на септември, му е продолжен за уште една година. Норвежанецот е на чело на воената алијанса од 2014 година, а мандатот му беше продолжен четири пати.
Најавата дојде откако членките на НАТО повторно не успеаја да се договорат за замена за Столтенберг. Според извештаите на медиумите, кандидатурата на британскиот министер за одбрана Бен Валас минатиот месец била блокирана од САД и Франција, кои наводно сакаат функционерот на ЕУ да ја добие работата.
Дејли мејл претходно оваа недела објави дека Бајден бил против Валас, веројатно затоа што служел како британски војник во Северна Ирска за време на периодот на политичко и религиозно насилство познато како „Неволји“.
Американскиот лидер е горд на своето ирско наследство и „не е особено про-британски“, изјавија извори за британскиот таблоид.
Фон дер Лајен претходно изјави дека и покрај тоа што е почестена што е меѓу можните кандидати, таа не е особено заинтересирана за позицијата на НАТО. Сепак, според Телеграф, САД се сомневаат дека таа ќе може да продолжи да ја води Европската комисија по изборите за Европскиот парламент следната година.
Телеграф посочи дека една од пречките за фон дер Лајен да стане генерален секретар на воениот блок би можело да биде нејзиното „лошо справување“ со германското Министерство за одбрана, со кое таа раководеше меѓу 2013 и 2019 година.
Весникот потсетува на извештај од 2015 година во кој се тврди дека германските војници морале да ги заменат тешките митралези со метли за време на вежбите на НАТО за да го сокријат недостатокот на опрема.