Тажни приказни од Мароко: „Загинаа моите четири деца и сопруг. Изгубив сè на светот“

Мароканка од село во провинцијата Чичауа, во близина на Маракеш, ги загуби сопругот и четирите деца во земјотресот што го погоди Мароко во петокот, на 8 септември.

„Мојот сопруг и четирите деца загинаа во разорниот земјотрес. Останав сама без ништо“, изјави ужалената мајка за мароканскиот Канал 1.

Жртви од земјотресот беа пријавени во неколку региони, вклучувајќи ги и провинциите Ал Хауз и Маракеш, како и градовите Уарзазате, Азилал, Чичауа и Тарудант.

Ова е најсилниот земјотрес што ја погодил оваа северноафриканска земја во последните сто години, соопшти Националниот институт за геофизика на Мароко.

Геолошкиот институт на САД (USGS) објави дека епицентарот на земјотресот, кој се случил нешто по 23 часот по локално време, бил на 75 километри југоисточно од Маракеш, на длабочина од 18,5 километри.

Земјотресот бил почувствуван и во соседните Алжир и Мавританија.

Кралот на Мароко, Мохамед Шести, по земјотресот што ја погоди земјата, прогласи тридневна национална жалост за време на која знамињата на јавните згради ќе бидат спуштени на половина копје.