Талибанската власт во Авганистан со новиот сет на закони практично го забрани звукот на женскиот глас во јавноста. Законите ги одобри врховниот водач, Хибатулах Акхундзада, а истите се однесуваат на многу аспекти од секојдневниот живот, како што е јавниот превоз, музиката, бричењето и организирањето на прослави.
Во рамките на новите правила, предвиден е и членот 13 којшто се однесува на жените. Според овој член жената е обврзана во секогаш целосно да го покрива своето тело во јавноста, а се додава дека покривањето на лицето е неопходно за да се избегнат „искушенија“. Женската облека не смее да биде тесна, кратка или направена од тенок материјал, пренесува „CNN“.
Жените мораат да бидат покриени кога се во присуство на мажи или жени коишто не се муслимани. Талибанците женскиот глас го сметаат за интимен, така што со новиот закон, тие целосно им забрануваат на жените да пеат, читаат или рецитираат наглас во јавноста. Исто така на жените им се забранува да погледнат во мажи со коишто немаат роднински или брачни врски.
„Ве уверуваме дека овој исламски закон ќе помогне во промовирањето на добрите особини и елиминирањето на пороците“, изјави портпаролот на министерството, Маулви Абдул Гафер Фарук.
Овој нов закон којшто се состои од 114 страници и 35 членови, ја претставува првата службена декларација на закони за пороци и добри особини во Авганистан откако Талибанците ја презедоа власта во државата во 2021 година.