Министерот за здравство Арбен Таравари денеска на прес-конференција соопшти дека нема да се потпише договорот со „Ѓока констракшн“, албанската компанија што требаше да стопанисува со паркингот кај Клиничкиот центар во Скопје.
Таравари посочи дека се разгледуваат уште две опции за стопанисување со паркингот.
,,Првата е Јавното претпријатие „Градски паркинг“ да изгради двокатни гаражи и да стопанисува со нив, а втората да го направи ова Службата за општи и заеднички работи при Клиничкиот центар“, рече Таравари.
Медиумите минатата недела објавија дека приватниот оператор од Албанија, Ѓока констракшн, е единствената компанија која одговорила на повикот за јавно-приватно партнерство. Доколку го добиеа договорот, ќе требаше да инвестираат во катни гаражи, но цената за паркирање наместо досегашните 30, би била 50 денари за час, додека за возврат на државата би и префрлиле само 1 отсто од годишните приходи.