Таравари: Куршумот заканувачка мафијашка порака, промената почна и ништо нема да ја запре

Претседателот на Алијансата за Албанците и градоначалник на Општина Гостивар, Арбен Таравари преку својот Фејсбук профил реагира за денешниот настан со оставен куршум пред вратата на неговиот дом, оценувајќи го како „јасна заканувачка мафијашка порака“ и  дека „промената почнала и нема ништо што би ја запрело“.

-Силите на државната полиција денеска беа кај мене дома како што видовте од медиумите, бидејќи таму беше пронајден куршум кој беше пуштен со јасна заканувачка мафијашка порака. Жал ми е за моето семејство и особено за мајка ми која особено лошо ја доживеа оваа ситуација. Жал ми е за оние политичари кои покажуваат дека нивниот аргумент да се замолчи нечиј глас се куршуми, куршуми кои ме потсетуваат на Италија од 1992 година каде мафијата го уби познатиот судија Џовани Фалконе… Но за тоа ми е жал…тука завршува мојата тага и започнува мојата радост затоа што разбирам дека тие што ја држеа оваа земја во заложништво се во очај на загуба! Секој кој ќе остане без зборови, а му останал само куршум е во голема неволја…, наведува Таравари во објавата на Фејсбук.

На кој и да го испукал тој куршум, дополнува Таравари, му велам дека и да испукаш тешка артилерија, промената почна и нема ништо што би ја запрело.

-Вие можете да ме убиете и тоа би било голема загуба за моето семејство и жал ми е што и моите деца го читаат ова…но вие би убиле само еден човек, но што ќе направите со илјадници, стотици илјади и милиони луѓе кои веќе станале на нозе? Вие не можете да замолчите, да убивате, да запрете еден народ! Ви благодарам на сите што ме поддржувате! Срцето ми го правите планина! Ја започнавте промената со мене или без мене. Промената е завршена!, напиша Таравари.

Од Европскиот сојуз за промена преку соопштение потенцираа дека заканата кон претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, „е сериозен чин против демократијата и европските вредности“.

-Јасно се гледа дека ДУИ не може да излезе од минатото и да стане дел од европските вредности. Криминализираната власт, сега поддржана и од Зиадин Села, продолжува со стилот на закани и убиства кон сите кои ја загрозуваат нејзината позиција во Владата. Денешната случка, каде во дворот на куќата на Арбен Таравари му беше оставен куршум, докажува дека ДУИ и Зиадин Села како партнери на СДСМ немаат ништо заедничко со Европа и нејзините вредности. Ги разоткрива и проруските и просрпските политики. Денешната закана против Таравари докажува дека оваа влада спроведува антиевропски акции. Познати се само Владимир Путин и Александар Вучиќ кои се закануваат во ваков стил. Додека за ДУИ јасно говори и минатото. Бидејќи пред централниот штаб на оваа партија имаше размена на оган, повредени и загинати, во штабот на ДУИ во Куманово беше убиен командант Шќипоња, по војната беа убиени стотици војници и команданти на ОВК, меѓу кои и Харун Алиу, велат од Европски сојуз за промена.

Европскиот сојуз за промена бара случајот со заканата против Арбен Таравари, полицијата во најбрз можен рок да го реши и да го пронајде лицето кое го ставило куршумот во дворот, како и нарачателот.

Од СВР Тетово претходно информираа дека во 9 часот и 34 минути Ј.Џ.(42) од Гостивар пријавил дека пред влезната врата од куќата на 50-годишниот гостиварец А.Т. во Гостивар било пронајдено зрно од автоматско оружје калибар 7, 62 милиметри. Екипа од СВР Тетово-ОВР Гостивар извршила комплетен увид, пронајденото зрно е фотодокументирано и подигнато за вештачење.