Таравари: Не сум информиран за недостиг на лекови на Онкологија

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во Гостивар изјави дека нема информации за недостиг на лекови во медицинските установи или во клиниката за онкологија. Министерот рече дека не се пријавени никакви проблеми.

„Во моментов немам информации дека има недостиг на некој лек за онкологија, генерално ги имаме сите лекови. Инсулинот ни недостига веќе два дена, но потпишавме анекс со фирмата добавувач и тоа е решено. Во моментов, колку што знам, нема проблем и колку што бев информиран на утринскиот брифинг со тимот на Министерството за здравство, немавме таков проблем”, изјави Таравари при посета на Општата болница „Ферид Мурад“ во Гостивар.

На новинарско прашање за постапката за прием на нови специјалисти, тој рече дека постапката е малку одолговлекувана поради ситуацијата што ја создаде трагичниот настан во Кочани.

„Некои болници се огласуваат и за специјализација. Во Гостивар има 12. Следната недела ќе тестираме околу 250 специјалисти. Стотици вработувања се распишани во здравството за медицински сестри, болничари и специјалисти. Малку доцневме, требаше порано, но случајот во Кочани траеше малку повеќе и се надевам дека ќе се заврши до крајот на месецот’, заклучи Таравари.