Таравари: Уставот на Република Македонија да се измени согласно преговарачката рамка со ЕУ

Јас сум оптимист дека ќе се најде решение меѓу Софија и Скопје, за да го пребродиме овој кризен период и да започнеме преговори со Европската унија. Во секој случај, Уставот мора да се смени, вели во интервју за бугарската агенција „БГНЕС“, министерот за здравство и претседател на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари.

„Премиерот (Мицкоски) сака некаква гаранција дека нема да има нови услови, бидејќи патот на Северна Македонија кон членство во НАТО беше тежок. Оптимист сум дека ќе се најде решение меѓу Софија и Скопје за да можеме да го надминеме овој период на криза и да започнеме преговори со ЕУ“, вели Таравари.

На прашањето дали се бара решение надвор од преговарачката рамка, Таравари е убеден дека Уставот мора да се смени.

„Сепак, Уставот мора да се смени. Премиерот со право сака некаква гаранција дека тоа е последниот услов, дека нема да има други услови за Македонија. Се надевам дека ќе се најде некакво решение меѓу Скопје и Софија, дури и со гаранции од Брисел и Вашингтон, за да се помине овој период, кој е многу важен за Република Северна Македонија“, нагласува Таравари.

На прашањето што се случува во коалицијата ВЛЕН, која е дел од Владата, министерот за здравство рече дека нема конфликт меѓу партиите, туку само недоразбирања.

„Ништо посебно. Нашата партија Алијанса за Албанците ќе учествува самостојно на изборите, а другите три партии ќе продолжат заедно како коалиција ВЛЕН. Побаравме листите за советници да бидат одвоени, тие сакаа да бидат заеднички и поради оваа причина се натпреварувавме со нашите кандидати за градоначалник и општински советници”, заклучи Таравари.