Таравари: Функционери на ДУИ се движат по канцелариите на Обвинителството, наскоро ќе видите кои се тие

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека е запознаен оти функционери на ДУИ се повикуваат во надлежните обвинителства, но не спомена конкретни имиња и додаде дека јавноста наскоро ќе ги види.

„Верувам дека за кратко време ќе видите кои се тие. Не ги знам имињата, не работам ниту во полиција, ниту во обвинителство, ниту во судови. Ако ви требаат такви информации, прашајте таму. Но, знам дека многу луѓе често се појавуваат таму“, вели Таравари.

За повиците што деновиве ги упати Ахмети дека ВЛЕН ги уништува достигнувањата на Албанците во последните 22 години, Таравари нагласи дека ДУИ не се занимава ниту со јазикот, ниту со знамето, туку со заштитата на имотот на функционерите и нагласи дека некои функционери ќе треба да одговараат за својата работа кога биле на власт.

„Колку што имам информации, процедурите се во тек, некои функционери на ДУИ веќе се движат по канцелариите на органите на истрагата и обвинителството, кога ќе го направат ова ќе го направат надлежните државни органи, немам точни информации, но знам дека се движат низ тие канцеларии, рече Таравари.