Од вкупно 21 пациент хоспитализиран во Скопје по несреќата во Кочани, денеска се отпуштени петмина. Четворица пациенти кои се лекуваат во странство се во критична состојба, а кај двајца повторно се влошува состојбата. Cè уште има интубирани пациенти во тешка состојба, но не се во животна опасност, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.
Како што рече Таравари на прес-конференција, во странство има 89 пациенти, но двајца се враќаат од Литванија и Шведска. Тие првично ќе бидат хоспитализирани и проверени во локалните болници од каде се евакуирани, според протоколот ќе бидат задржани 24 часа, а потоа пуштени дома.
За утре нема најава за враќање на други пациенти од странство, но во понеделник, нагласи министерот, најверојатно ќе се вратат петмина.
„Од хоспитализираните шест се во Клинички центар, шест во Градската и пет во Општата болница „8 Септември“, додека четворица се на приватни клиники. Денеска се отпуштени пет пациенти кои се во подобра состојба и се на домашно лекување, по што ќе останат вкупно 16“, информира Таравари.