Четворица пациенти од Шпанија и еден од Грција се враќаат денеска и првите 24 часа ќе бидат сместени во Клиники, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари на денешната прес-конференција за состојбата на лицата кои се лекуваат во домашните и странски болници по пожарот во Кочани.
„Вчера се вратија еден пациент од Србија и еден од Бугарија. Бројката на пациенти кои во овој момент се лекуваат во странство е 113, а со овие пет што ги очекуваме денеска, ќе падне на 108. Трендот на пациенти кои се подготвуваат за враќање се зголемува“, рече Таравари.
Во домашните болници, додаде тој, се лекуваат 23 пациенти.
„Четворица во Клинички центар, по двајца на Пластична и реконструктивна хирургија и двајца на Токсикологија. Во стара Градска болница се шест пациенти, во „8 Септември“ се девет од кои еден денеска ќе биде испишан и во „Систина“ се четворица. Сите се наоѓаатво стабилна, добра состојба“, истакна министерот за здравство.