Навиките за пиење алкохол кај таткото непосредно пред зачнувањето може сериозно да му наштетат на бебето, посочува ново научно истражување на Универзитетот „А енд М“ во Тексас.
Имено, американските научници откриле дека обилното пиење алкохол во месеците пред зачнувањето може да влијае на очите, главата, устата и вилицата на бебето. Причината за тоа е можниот синдром наречен нарушување на феталниот алкохолен спектар (ФАСД), што влијае на растот на бебето во матката. Претходни истражувања покажаа и дека кај мајките пиењето алкохол може да доведе до пократок и закривен нос кај децата, и потврдија дека тие појави се поврзуваат и со лошите навики на пиење кај татковците.
Авторот на новите испитувања, професорот Мајкл Голдинг, развоен физиолог во „А енд М“, вели:
„Во случаите кога таткото конзумирал алкохол, видовме длабока промена во лицето на бебето. Хроничната изложеност на мажите на алкохол (дефинирана како консумирање повеќе од пет пијалаци во четири часа) може да предизвика основни дефекти на ФАСД“.
Кај децата на мажите кои пиеле, има поголема веројатност да се родат со помали очи, „сплескано“ лице, помала уста и помала или деформирана вилица. Натаму, друга одлика е што ушите на малечкото понекогаш се поставени пониско во споредба со бебињата чии татковци не пиеле многу, а тоа го оштетува и мозокот. Имено, се јавува и поголема можност од микрокефалија (неразвиеност на главата и мозокот), како и помала родилна тежина. А, сѐ тоа, како веројатност се влошува колку што машкиот родител консумира повеќе алкохол, велат научниците.