Заврши распитот на таткото на Вања Ѓорчевска, а од полицијата велат дека тој се уште негира вмешаност во киднапирањето и убиството на неговата ќерка.
Александар Ѓорчевски во основа негира дека бил вмешан во киднапирањето и убиството на неговата ќерка Вања Ѓорчевска.
Тоа стана јасно попладнево откако заврши неговото рочиште во Кривичниот суд.
Вчера од полицијата и од обвинителството изјавија дека таткото на киднаперите им дал информации и детали за местото и времето кога Вања Ѓорчевска ќе тргне на училиште и ќе биде сама.
Според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, Александар Ѓорчевски бил индиректно вмешан во киднапирањето на девојчето, иако тој тоа упорно го негирал.
„Како што веќе знаете, мотивот е личен интерес и, според првичните информации, едно од лицата со согласност и знаење на член на семејството организирало извршување на кривично дело со цел да изнуди пари од мајката на малолетничката од што сите инволвирани би имале финансиска или материјална корист“, изјави вчера Оливер Спасовски.
На таткото на Вања Ѓорчевска, осомничен дека учествувал во грозоморниот чин на киднапирање на неговата ќерка, која подоцна беше убиена, од вчера му е одреден дводневен притвор.
Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера распиша меѓународна потерница по Љупчо Палевски попознат како Палчо, првоосомничениот за киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.
Скопското јавно обвинителство соопшти дека по осомничениот Љупчо Палевски, кој е во бегство, по итна постапка е распишана потерница за спроведување истражна постапка за сторени кривични дела киднапирање и убиство. Основниот кривичен суд денеска му одреди мерка притвор во отсуство, кој ќе почне да важи по неговото откривање.
Обдукцијата на телата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски на Институтот за судска медицина и криминалистика е завршена, но извештаите се уште не се комплетни, МВР и Основното јавно обвинителство во Скопје соопшти претходно денеска.
Обдукцискиот извештај треба да ги утврди причините за смртта на двете жртви кои на 3. декември беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес, откако на 27. и 24. ноември годинава беа пријавени нивните исчезнувања.
Освен истрагата за Палчо, се очекува и кривична пријава со која би се покренала истрага и против останатите осомничени. Со тоа ќе се овозможи јавното обвинителство да побара определување нови мерки за осомничените.