Мајката успеала да се спаси
Маж и неговите пет синови загинаа во пожар што рано утринава го зафати нивниот дом во австралиската држава Квинсленд, соопшти локалната полиција.
Мајката на загинатите момчиња успеала неповредена да побегне од семејниот имот на островот Расел, мала заедница на околу 60 километри југоисточно од Бризбејн, изјави полицискиот началник Мет Кели.
– Во моментов е преплашена и емотивно вознемирена – им изјавила Кели на новинарите во блискиот град Редленд Беј и потврдила дека жената „го изгубила целото семејство“.
Противпожарната и спасувачката служба на Квинсленд соопшти дека куќата се урнала поради пожарот, а пожарот се проширил и во некои блиски населби.
На девет лица им била укажана помош на местото на настанот, а тројца се пренесени во болница, соопшти службата за брза помош во Квинсленд.
Најмалку 20 пожарникари го гаснеа пожарот, јави медиумската компанија ABC.