– Американскиот Сојузен суд неделава осуди татко и син од сојузната држава Масачусетс за незаконско стекнување на повеќе од 20 милиони долари од добивки на лотарија и лажни даночни пријави за да избегнат плаќање од над шест милиони долари во даноци.
Али Џафар (63) е осуден на пет години затвор, а неговиот 29-годишен син Јусеф Џафар е осуден на 50 месеци затвор. А, вториот син, Мохамед Џафар ќе биде осуден во јули.
Валери С. Картер, адвокатка на Али и Јусеф Џафар, изјави дека нејзините клиенти имаат намера да поднесат жалба до Апелациониот суд.
„Најдоцна од 2011 година до најрано во јуни 2020 година, обвинетите заговарале со други познати и непознати лица, заради „перење“ на приходите од добивките на туѓа добивка од државната лотарија во Масачусетс. Овие мажи купувале добитни лото ливчиња од луѓе ширум земјата кои сакале да го продадат својот билет за готовина и попуст наместо да ја побараат наградата“, се вели во обвинението на американското Обвинителство.
Ова значи дека вистинските добитници избегнувале идентификација од Државната комисија за лотарија. Откако ќе ги купат добитните ливчиња, обвинетите ги бараат парите од наградата како нивна добивка. Така, со манипулации потоа, семејството Џафар незаконски заработиле од над 14.000 „поситни“ добивки, во вкупна вредност од над 20 милиони долари, во „разработена шема“ наречена „десет насто“.