Собранието на Република Македонија на првиот ден од 135. седница, го избра новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата и на судирот на интереси (ДКСК).
Со 97 гласа „за“, присутните пратеници едногласно ја донесоа Одлуката за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, според која претседател на оваа Комисија ќе биде Татјана Димитровска, дипломиран економист. За членови на ДКСК, по предлог на Комисијата за избори и именувања, а врз основа на спроведениот јавен оглас, пак, се избрани Софија Спасова Медарска, Билјана Каракашова Шулев, Бесник Џемаиљи, Зоран Богоевски, Цвета Ристовска и Сервет Демири. Мандатот на новиот состав на ДКСК ќе почне од 8 февруари следната година.