Опцијата за испраќање војници на НАТО во Украина би била потенцијален ризик за избувнување на трета светска војна, изјави денеска италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, пренесува АНСА.
– Не верувам дека НАТО ќе влезе во Украина. Се надевам дека тоа нема да се случи, рече Тајани на прашањето да ги коментира зборовите на францускиот претседател Емануел Макрон, кој не ја исклучи таа опција.
Тајани додаде дека влегувањето во војна со Русија значи ризик од трета светска војна, отфрлајќи ја можноста италијанската армија да оди во Украина за да се бори против рускиот напад.
– Ние сме за одбрана на меѓународното право и украинските слободи, но не сме за војна со Русија. На Киев му даваме воена, економска и техничка помош од различен вид, меѓутоа, влегувањето во војна ми се чини грешка, а сите Италијанци, како и сите разумни луѓе, не го сакаат ова, истакна Тајани.
Тој изјави дека италијанските војници вршат добра работа во Црвеното Море за да ги заштитат трговските бродови од нападите на Хутите.
– Италијанските војници прават добра работа во Либан, Африка и Ирак, тие се носители на мирот и слободата, а Италија не е во војна со Русија, потенцираше Тајани.