Европската унија треба да формира своја армија која би можела да игра улога во одржувањето мир и спречување конфликти, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.
Во интервју за италијанскиот весник Ла Стампа, Тајани рече дека поблиската европска соработка во одбраната е приоритет за партијата Форца Италија што тој ја предводи.
„Ако сакаме да бидеме мировници во светот, потребна ни е европска војска. И ова е основен предуслов за да можеме да имаме ефикасна европска надворешна политика“, рече тој во интервјуто објавено денеска.
„Во свет со моќни играчи како САД, Кина, Индија, Русија – со кризи од Блискиот Исток до Индо-Пацификот – италијанските, германските, француските или словенечките граѓани можат да бидат заштитени само со нешто што веќе постои, имено Европската унија“, додаде тој.
Тајани искажа став дека 27-члената ЕУ треба да го рационализира своето лидерство и да има единствено претседателство, наместо сегашната структура на претседател на Европскиот совет и претседател на Европската комисија.