Потпретседателот на италијанската Влада и министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани, денес во Белград порача дека Европа е иднината на регионот Западен Балкан.
„Го поздравуваме пристапот на Србија и сакаме Балканот што поскоро да стане дел од ЕУ, и тоа политички“, рече Тајани на конференцијата за новинари по состанокот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Тајани додаде дека „е сигурен дека иднината на Западен Балкан се вика Европа“.
Потпретседателот на италијанската Влада, Тајани, најави дека кон почетокот на април ќе
организира состанок на министрите за надворешни работи на Западен Балкан во Рим, со цел да се потврди приврзаноста на Италија со идејата дека Балканот е дел од Европа.
Тајани го нарече Вучиќ „човек на мирот“ и додаде дека преговорите по прашањето за Косово не биле лесни, но дека Вучиќ е заслужен што ситуацијата на просторот на Балканот денес е посмирена.
„Србија може да има одлучувачка улога со која би се гарантирала стабилноста на едно подрачје, што би придонело и за решавање на прашањето на миграциите и повеќе можности да ги решаваме воените судири што биле присутни на овие простори“, посочи Тајани.
Тој подвлече дека новата Влада на Италија е одлучна политиката кон Балканот да ја воспостави како стратешки приоритет.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по повод европскиот договор за Косово и анексот за имплементација, истакна дека за Србија е правно-обврзувачки кога ќе стави потпис или печат на нешто или со тоа усно се согласи и додаде дека никој, освен претседателот и во некои случаи премиерот и министерот за надворешни работи, не може да произведе правни последици за Србија.
„Србија работи на имплементација на сè она што го кажала дека ќе го стори, и покрај тоа што не мислам дека Приштина ќе ја исполни единствената обврска – да формира Заедница на српски општини“, рече Вучиќ во своето обраќање на прес-конференцијата за медиумите.
Вучиќ повтори дека нема збор за признавање на Косово, членство во Обединетите нации и во агенциите и телата на ОН, а може да се зборува за сѐ друго што води кон подобрување на односите со Албанците.
Претседателот на Србија рече дека Италија отсекогаш ја поддржувала Србија и на европскиот пат и во меѓународните форуми и дека никогаш не водела политика на притисоци врз Србија.
Тој укажа и на важноста на економската соработка со Италија, која е втор најголем инвеститор што во Србија вработува околу 22.000 лица, и најави почеток на производството на електричен автомобил во фабриката „Стелантис“ во Крагуевац.