Тајните служби на Франција објавија извештај: “Експлозијата во болницата во Појасот Газа не е резултат на израелски напад“

Експлозијата во болница во Појасот Газа не била резултат на израелски воздушен напад, туку најверојатно била предизвикана од неисправна палестинска ракета, соопшти во петокот француската воена разузнавачка служба (ДРМ).

Палестинските власти соопштија дека 471 лице загинало во експлозијата во болницата „Ал-Ахли ал-Араби“ во вторникот. Министерството за здравство во Појасот Газа го обвини Израел за нападот, а Израел тврди дека експлозијата била предизвикана од неуспешно лансирање ракета од страна на милитантите.

Нема ништо што ни дозволува да кажеме дека се работи за израелски напад, но најверојатно (сценарио) е палестинска ракета“, велат од ДРМ.

Кратерот бил премногу мал за да биде предизвикан од израелски проектил, велат од ДРМ.

Најверојатната хипотеза е палестинска ракета која експлодирала со полнење од околу пет килограми“, изјавија од ДРМ за новинарите, додавајќи дека палестинските групи имале ракети од мал калибар со таков тип на експлозивно полнење.

ДРМ обично не објавува такви информации, но по инструкции на францускиот претседател Емануел Макрон, одлучи да ги објави во светлината на спротивставените извештаи за одговорните за нападот на болницата.

Француското разузнавање отфрли различни можности како фрагменти од израелскиот систем за воздушна одбрана или пресретната ракета.

Дел од анализата се базираше на достапните материјали, кои вклучуваат неколку скршени стакла, уништени возила и релативно ограничено присуство на цивилни објекти на местото на експлозијата.

ДРМ не можеше да ја одреди точната локација на лансирањето на ракетата и не обвини ниту една група за тоа.

Не сакаа да дадат проценки за бројот на загинатите, но изјавија дека најверојатно се работи за помалку од 471 лице.

Израел одговори на нападот на Хамас на 7. октомври во кој загинаа 1.400 Израелци ветувајќи дека ќе ја уништи групата, ставајќи ги 2,3 милиони луѓе во Појасот Газа под опсада. Во нападите врз енклавата загинаа повеќе од 4.100 луѓе, а повеќе од еден милион останаа без покрив над главата.

војнаДРМИзраелПалестинаПојас ГазаХамас