,,Тврдењето на Макрон води кон трета светска војна!” Бес во Русија поради најавата за можно проширување на нуклеарниот штит на Франција кон европските сојузници (ФОТО)

Москва денеска соопшти дека тврдењето на францускиот претседател Емануел Макрон дека Русија претставува закана за Европа може да го одведе Западот кон нова светска војна.

Макрон во средата рече дека Русија е закана за Франција и Европа, дека војната во Украина веќе стана глобален конфликт и дека ќе започне дискусија за проширување на нуклеарниот штит на Франција за европските сојузници.

Ваквата погрешна анализа води до фатални грешки, изјави рускиот сенатор Константин Косачев.

Тој изјави дека Макрон „манијакално им наметнува на француските граѓани, сојузници и на целиот свет сосема погрешен концепт за тоа што се случува – „Русите доаѓаат“.”

Ваквите погрешни заклучоци и сугестии водат кон амбис, рече Косачев.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Макрон секој ден дава изјави кои се во спротивност со она што тој претходно го тврдеше.

Русија и САД имаат по повеќе од 5.000 нуклеарни боеви глави, додека Франција има 290.

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев оцени дека Макрон не претставува никаква закана, пренесува Ројтерс.