Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ откри црна дупка со редок ореол од материјал, за кој научниците тврдат дека би можел да ги поништи постоечките теории за универзумот, објави денес „Гардијан“. Се вели дека станува збор за древна и „скоро гола“ црна дупка за која астрономите веруваат дека можеби се формирала во првиот дел од секундата по Големата експлозија.
Доколку се потврди дека станува збор за таканаречена исконска црна дупка, теоретска класа на објекти за кои Стивен Хокинг предвидел дека постојат, но никогаш порано не биле видени, откритието би ги побило преовладувачките теории за универзумот.
Досега, според „Гардијан“, преовладуваше мислењето дека ѕвездите и галаксиите се појавиле први и дека црните дупки се формирале само кога најраните ѕвезди останале без гориво и се распаднале под сопствената гравитација. Но, најновите набљудувања на вселенскиот телескоп, кои откриваат супермасивна црна дупка со само редок ореол од околн материјал што датира од зората на космосот, изгледаат неконзистентни со оваа низа настани.
– Оваа црна дупка е речиси гола. Ова навистина е предизвик за теориите. Се чини дека оваа црна дупка е формирана без претходна галаксија околу неа – рече професорот Роберто Мајолино, космолог од Универзитетот во Кембриџ, еден од членовите на тимот зад набљудувањето.
Најновите набљудувања се фокусираат на мала црвена точка позната како QSO1 која датира од пред повеќе од 13 милијарди години, кога универзумот бил стар „само“ 700 милиони години. Станува збор за едно од расфрланите такви точки пронајдени од телескопот, кои се толку црвени, толку компактни и толку светли што астрономите заклучиле дека мора да се работи за древни супермасивни црни дупки.
И покрај екстремното растојание на QSO1, астрономите беа во можност да ја следат орбиталната брзина на вртложниот ореол од гас и прашина. Ова мерење даде маса на централна црна дупка од 50 милиони сончеви маси.
„Ова е во остра спротивност со она што го набљудуваме во нашиот локален универзум, каде што црните дупки во центарот на галаксиите како Млечниот Пат се околу илјада пати помалку масивни од нивните галаксии домаќини“, рече Мајолино.
Во посебна анализа, беше утврдено дека блескавиот материјал околу црната дупка е хемиски „недопрен2“, составен речиси исклучиво од водород и хелиум, два елементи што останале од Големата експлозија. Отсуството на потешки елементи, кои се создаваат во ѕвездите, дополнително води до заклучок дека нема значајно формирање ѕвезди во близина на црната дупка.